Претседателот на бугарскиот парламент во посета на огранокот на МБП во Охрид

Претседателот на бугарскиот парламент, г-н Димитар Главчев го посети Охрид во рамките на својата дводневна посета на Р. Македонија. Тој се сретна со градоначалникот Никола Бакрачески и ја посети канцеларијата на нашето здружение за Македонско-Бугарско пријателство во Охрид.

Главна тема на разговорот меѓу охридскиот градоначалник и спикерот на бугарскиот парламент, беше потпишаниот пред неколку дена, договор за добрососедство и соработка меѓу двете земји, а исто така и претстојните локални избори кои треба да се оддржат на 15 октомври годинава.

Првиот човек на бугарскиот парламент се поклони и поднесе свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бугарски туристи по потонувањето на бродот „Илинден“ на 5 септември 2009 г.

Претседателот на бугарскиот парламент оствари средба и со раководството на МБП-Охрид во канцеларијата на нашето здружение. Претседателот на огранокот Иван Боев и секретарот Крсте Ристески го запознаа господинот Главчев со своите активности. Тие му раскажаа за дводневниот фолклорен фестивал во организација на МБП-Охрид, на кој земаа учество повеќе од 300 пејачи, музичари и играорци од цела Бугарија, а исто така и со изложбата посветена на Св Наум (исто така организирана од нашето здружение), на која земаа учество уметници од Македонија и Бугарија.

Првите луѓе на нашето здружение во Охрид, го покренале и прашањето за воведување на директна авионска линија Софија-Охрид. Господинот Главчев ги поздрави напорите на нашето здружение во зацврстувањето на контактите меѓу граѓаните на двете земји. Спикерот на бугарскиот парламент го посети и манастирот „Св. Наум“.

Во првиот ден од својата посета Главчев оствари средби со премиерот Зоран Заев и со својот колега од македонска страна Талат Џафери. Претседателот на бугарскиот парламент го посети и манастирот „Св. Јован Бигорски“, каде братски беше пречекан од игуменот на манастирот Партеније.

Поврзани вести