МБП: Европската енергија ќе ги победи балканските комплекси

 

Двете најблиски држави на Балканот, Бугарија и Македонија се на чекор од еден нов почеток. Нов момент што слободно може да се протолкува како првиот клинец во мртовечкиот сандак на омразата.

Вчера, борбата на нашето здружение за Македонско-Бугарско Пријателство се материјализираше преку одобрувањето од страна на двете Влади на Р.Македонија и Р. Бугарија на Нацрт-договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете братски земји.

Можеме со чисто срце да кажеме дека ние успеавме. Нашите заложби за напредна и европска Р. Македонија се на пат да станат реалност, пред се благодарение на политичката мудрост на двајцата премиери г-нот Зоран Заев и г-нот Бојко Борисов.

Би сакале пред се да ги поздравиме  овие двајца државници за нивната храброст и истрајност во борбата против омразата и нетрпеливоста, што од самото осамостојување на Р. Македонија се пропагираше и од двете страни на границата. Тие сеништа од минатото е време да бидат уништени со заеднички сили, за Македонија и Бугарија да тргнат чисти кон својата заедничка иднина во структурите на Европската Унија и НАТО.

За нашето здружение нема друга алтернатива, освен евро-атлантската интеграција на нашата земја. Токму поради таа причина сме убедени дека со потпишувањето на овој договор, ќе се направи првиот и најважен чекор кон помирувањето и зближувањето на вештачки разделените луѓе во Македонија и Бугарија.

Ги поздравуваме и сите наши членови, симпатизери и соработници за нивната верба дека одат по вистинскиот пат. Ги поздравуваме за тоа што промовирајќи европски вредности помогаат во борбата против балканските комплекси од минатото.

Драги наши пријатели, ние успеавме. Не потклекнавме ниту за еден момент и чекориме гордо кон победата. Време е Македонија да биде на победничката страна и ќе биде бидејќи го заслужила тоа.

Вие сте вистинските патриоти денес, а не оние кои криејќи се позади невкусно нашминканите митови и легенди речиси три децении ја оддалечуваа Македонија од нејзиниот природен пат, а имено европскиот развој и гарантираната безбедност во Северноатлантскиот пакт.

Европската енергија ќе ги победи балканските комплекси. Позитивните промени доаѓаат. Балканот веќе нема да произведува историја, која нема да може да поднесе, туку ќе оди напред и ќе биде арена на соработка за заедничкото добро на сите. Трансграничните проекти ќе ги заменат протестните ноти. Размената на капитал, идеи и професионалци ќе ја замени размената на омраза и препукувањата. Тоа е нештото за што се боревме, се бориме и ќе се бориме во иднина и од тоа нема како да отстапиме. Позади нас е Македонија и додека не ја видиме како нормална, напредна и европска земја ние нема да се смириме.

 

 

Поврзани вести