МБП ги одбележа годинишнините од смртта на Гоце Делчев и Пере Тошев

По повод 114 години од загинувањето на идеологот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев, претседателот, Петар Колев и претставници на Здружението за „Македонско- Бугарско пријатетелство“ положија свежо цвеќе пред вечното почивалиште на најголемиот македонски револуционер во Црквата Свети Спас во Скопје.

Да се поклонат пред делото и саможртвата на големиот револуционер беше дојдена и делегација од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Неговата Екселенција амбасадорот Иван Петков одржа и пригоден говор посветен на живот и делото на Гоце Делчев.

Георги Николов Делчев познат меѓу народот како Гоце е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Се школувал во Бугарската машка гимназија во Солун и на Воената академија во Софија. Бил егзархиски учител  во Штип и Кочани, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Во Прилеп претставници на здружението за Македонско-Бугарско пријателство на чело со секретарот на месниот огранок, Мики Георгиевски, го посетија гробот и положија свежо цвеќе во знак на почит кон ликот и делото на големиот македонски револуционер Пере Тошев. Гробот на Пере Тошев се наоѓа во Црквата Свето Благовештение.

Петар Наумов Тошев, нарекуван Совеста на револуционерна Македонија е роден во 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската бугарска машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон. Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање. Учесник на Рилскиот конгрес на Организацијата (1905). На 4 мај 1912 , на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа.

 

Поврзани вести