Бугарија доби од ЕУ нов инвестициски пакет во висина од 86 милиони евра за нова линија на софиското метро

Европската комисија усвои нов инвестициски пакет во вредност од 86,6 милиони евра од Европскиот фонд за регионален развој (ЕРДФ), за финансирање на понатамошните работи на западниот дел на третата линија на метро мрежата во главниот град на Бугарија, Софија.

Парите од Европската Унија ќе бидат искористени за изградба на линија со четири нови подземни станици во должина од четири километри, што ќе сообраќа од центаралниот до југозападниот дел на градот. Еврокомесарката за регионална политика Корина Крецу, изјави дека метрото во Софија се користи од страна на повеќе од половина милион луѓе секој ден и дека тоа станало дел од секојдневниот живот во градот, па жителите сега уживаат во модерен, достапен и удобен систем на јавен превоз, кој истовремено го намалува времето на патување, загадувањето на воздухот и сообраќајниот метеж во целиот град.

Минатата година, првиот инвестициски пакет во вредност од над 368 милиони евра од ЕРДФ беше усвоен од страна на Комисијата за поддршка на изградбата на новата линија 3 во Софија. Кога ќе заврши изградбата, оваа нова линија се очекува да биде долга 16 километри и да има 19 станици, со што вкупната метро мрежа во Софија би изнесувала 56 километри со 53 станици.  Новата линија на софиското метро се очекува да биде завршена до 2020 година, а речиси 500 милиони евра од нејзината изградба се финансирани од фондовите на ЕУ.

Поврзани вести